ВМРО-ДПМНЕ со уште два нови приговори до Антикорупциска комисија

Архивска фотографија- седиштето на ВМРО ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ попладнево соопшти дека денеска поднеле уште два приговори до Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Првиот, наведуваат од партијата, се однесува на одлуката за измена на детален урбанистички план во општината Ѓорче Петров, каде, како што пишуваат, локалната власт на СДСМ уништувала парк за да се гради станбен објект.

"Одговорни се градоначалникот и Советот кој што прифатиле точка и ја изгласале одлуката во Изборен период", наведуваат од опозициската партија.

Вториот случај, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се однесувало на лице вработено во администрација, кое работното време наместо на работното место, го поминувало во штабот на Стево Пендаровски.

"За време на посетата на идната претседателка на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова на штабот на Пендаровски во Скопје, меѓу присутните е и градежен инженер од Демир Хисар, вработен во Министерството за финансии”, наведуваат од опозициската партија.