Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека дел од објавените разговори во изминативе денови што ги слушнал се дел од пакетот материјали што ги предал во СЈО и оти е важно што МВР и Јавното обвинителство постапуваат по нив согласно своите надлежности.
“Знам дека пред недела, две, исто така, имаше емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО, што секако само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што на времето се правело како неовластено прислушкување, и го имало на други страни”, рече Заев.
Во врска со разговорите со опозицијата за законот за јавно обвинителство, нагласи дека работните групи работат и дека денеска добил извештај од министерката за правда дека се прават напори веќе за следен состанок.