Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди нападoт врз новинарот и снимателот на ТВ21 во Арачиново, пред и во зградата на општината. Во нивното соопштение е наведено дека секое мешање во работата на медиумите претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање и дека медиумските работници мора да бидат ослободени од сите видови притисоци и закани за да можат непречено да ја извршуваат својата работа – информирање на јавноста.
Претходно со осуда се јави и градоначалничката на Арачиново Миликије Халими и побара целосно расветлување на настанот.
„Вчера, откако екипата на ТВ21 снимила прилог во врска со поплаките на жителите на оваа општина во врска со лошата инфраструктура, роднини на градоначалничката Халими упатиле вербални закани кон телевизиската екипа дека ќе им ја искршат камерата и барале снимките да бидат избришани. Откако новинарите одбиле да ги избришат снимките, истите биле принудени да влезат во општинската зграда на Арачиново и повторно им биле упатени исти закани, напиша ЗНМ во соопштението со кое го осуди инцидентот. На ваквата осуда се придружи и ССНМ.