Ако на претстојните претседателски избори не се постигне потребниот цензус за избор на шеф на државата постојат две можности вели министерката за правда Рената Дескоска. Првата е претседателот на државата да се избира непосредно од граѓаните без потребно мнозинство во вториот круг, додека втората опција е тој да се избира во Собранието, одговори таа на новинарското прашање дали размислува за уставни измени доколку нема потребна излезност на изборите. Дескоска истакна дека до сега неколку пати е посочено од Венецијанската комисија дека цензусот што постои во Уставот за избор на претседател е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато.
„ Менувањето на Уставот со цел да се олесни процесот на избор на претседател е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции, едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собрание. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право,“ изјави Дескоска по денешната Еропсока конференција за медијација.
Според Уставот, за да биде избран претседател во првиот круг од изборите, неопходно е за него да гласаат мнозинство од вкупно запишаните 1.808.131 избирачи, односно најмалку 904.066 граѓани со право на глас. Доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг од двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови, за претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, но само ако на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.