Со координирани активности и заедничка соработка со стручните педагошки, психолошки и здравствени установи, полицијата ќе истражува која е причината поради која неодамна се повредиле неколку ученици од битолското основно училиште „Коле Канински“. Неофицијално во МВР досега нема поднесено пријава за дете кое се самоповредило поради видео игра. Во јавноста веќе се рашири информацијата дека децата биле жртви на опасните интернет игри „Момо“ и „Синиот кит“, иако нема официјална потврда дека токму тие игри ја предизвикале несаканата реакција на битолските основци.
„Од Центар за социјални работи Битола бевме известени дека до вчера дошол еден родител, кој побарал институционална помош за детето за надминување на проблемите кои се јавиле во однесувањето на детето кое пробало да се самоповреди на раката, настан кој се случил пред Нова година. Во текот на вчерашниот ден се јавило на разговор и друго семејство за своето дете кое минатата недела си нанело повреда. Извршен е разговор со директорот на училиштето и прибрани се сите информации за понатамошно постапување и преземање на мерки околу расчистување на случајот“, се вели во соопштението од битолската полиција.
Кои деца се мета на опасните игри?
Сепак, стручната јавност не ги исклучува потенцијалните опасности и предизвици кои со себе ги носи виртуелниот свет, особено долготрајното играње на најразлични видео и интернет игри од страна на децата. Професорката Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет во Скопје вели дека опасноста од сајбер насилство е реална, а ги таргетира децата кои се интровертни и на кои им недостига внимание од родителите.
„Овие игри или какви било закани на интернет, најчесто се насочени кон оние деца кои се поранливи, кои немаат доза на сигурност или не почувствувале вистинско поврзување со родителите. Децата кои гледаат такви насилни содржини можат да реагираат на два начина. Или да станат премногу интровертни, да се повлечат во себе или да манипулираат дека нешто им било, или пак, другата страна, е кога стануваат премногу агресивни. И тие деца кои до вчера биле мирни и послушни, сега одеднаш немаат внимание на час, доцнат од училиште, не ги извршуваат домашните и училишните обврски и сл. Значи, промени во однесувањето има, а родителот кој е повеќе присутен во животот на детето, ќе може да ги забележи“, вели професорката Георгиевска.
Улогата на родителите во превенцијата на штетните последици од виртуелниот свет е клучна, но проблемот на кој укажува професорот Игор Неделковски од Факултетот за информациски, комуникациски и технолошки науки од Битола е недостигот на компјутерски познавања токму кај родителите.
„Сите оперативни системи денеска, сите интернет провајдери имаат опција ‘родителска контрола’, каде што родителите можат да ограничат во кои делови од интернет смеат да пристапуваат малолетните корисници кога ќе пристапуваат од својата сметка. Меѓутоа проблемот кај нас е во неедуцираноста на родителите. Виртуелниот свет е втор свет, покрај реалниот. За реалниот свет, повеќето родители ги воспитуваат децата со совети, а во виртуелниот свет, кој бил во зачеток кога тие биле мали, не ги знаат опасностите на интернет. А всушност во виртуелниот свет има поголема заштита. На пример, поголема е веројатноста денес да ве ограбат на улица, отколку да ви украдат од вашата банкарска сметка на интернет, доколку се придржувате до правилата на интернет контрола“, вели професор Неделковски.
Тој сепак истакнува дека родителите мора да внимаваат што гледаат децата и кои содржини им се достапни, но истовремено апелира да не се посегнува по драстични мерки, како што е забраната за користење интернет.
„Ако им забраните, тоа е исто како да им забраните да излегуваат со другарите, и тогаш сигурно вашите деца ќе најдат начин да ве заобиколат“, порачува професор Неделковски.
Деновиве паниката ја направи интернет играта „Момо“, која неофицијално се поврзува со повредите на учениците од битолското основно училиште.
Видете и ова: Безбедноста на децата на интернет - предизвик за родителитеШто е „Момо“?
„Момо“ е наводен интернет предизвик, т.н. меме на интернет кое наводно ги тера луѓето на самоповредување, па дури и на убиство.
Според едни тврдењата, „Момо“, кој е јапонски хорор лик, се јавува во детски видеа, а според други, се јавува директно во апликациите за пораки и разговори или на некои социјални мрежи. Неофицијално, видеата почнуваат сосема нормално и среде видео се појавува „Момо“ кој му вели на детето-корисник да го додаде на WhatsApp, заканувајќи му се дури и со смрт. Откако ќе го додаде почнува предизвикот: “Момо“ кој дава 50 задачи за детето, секој ден по една. Почнуваат со наредби од типот „вклучи го шпоретот додека сите спијат“, а завршуваат, наводно, со наредба за самоубиство.
Детето во играта се задржува со уцена: „Ги имам сите податоци за тебе, ако не продолжиш да играш сите ќе ги објавам и ќе пратам некого по тебе“.
Кога прв пат се појави „Момо“, светските медиуми пишуваа дека зад неговиот профил се криел јапонски телефонски број, но набргу беа објавени информации дека неколку од т.н. кодови на „Момо“ профилот биле лоцирани и во САД, Колумбија и во Мексико.
Смртоносна измама или урбана легенда?
Според Википедија, „Момо предизвик“ е и измама и интернет урбана легенда за непостоечки предизвик на социјалните медиуми. И покрај тврдењата дека феноменот достигна светски размери во јули 2018 година, бројот на актуелни жалби беше релативно мал и ниту една надлежна институција прецизно и официјално не потврди дека некој е оштетен како директен резултат на „Момо“. Наспроти тоа, се јавија голем број здруженија за заштита на децата и детските права според кои поголема паника направиле медиумите и родителите.
Предизвикот „Момо“ стана светски феномен лани, откако еден индонезиски весник објави дека играта предизвикала 12-годишно девојче да се самоубие. Свеста се зголеми во февруари 2019 година, откако полициската служба на Северна Ирска објави јавно предупредување на Фејсбук, а Ким Кардашијан на нејзиниот Инстаграм профил напиша дека YouTube го отстранил „Момо“.
Родителска паника и лажни вести
Додека од една страна дел од јавноста верува дека овие игри постојат и дека се навистина смртоносни, од друга страна добар дел од јавноста го прифаќа објаснувањето на некои експерти дека „Момо предизвик“ не е ништо друго освен „морална паника“ што ја шират возрасните.
„Детските добротворни организации велат дека предупредувањата за “Момо“ се лажни вести што ги шират возрасните. Тие велат дека тие предупредувања може да станат само-исполнувачко пророштво преку охрабрување на децата да бараат штетен материјал на интернет“, објави британски „Гардијан“.
Треба позитивно да ги насочуваме децата
„Ваквите вирусни игри можеме да ги посматраме како иновативни, но само ако ги насочиме кон нешто позитивно и го прекинеме создавањето опасни игри. Нека размислуваат политичарите, научниците, докторите“, изјавила за неколку британски медиуми професорката Шахла Гобарди, експертка за вируси на социјалните мрежи од Универзитетот во Манчестер.
Директорката на британската Група за интернет безбедност на децата, Керолин Бунтинг, во истата насока вели: „Момо“ треба да ги загрижува родителите, но важно е да не се паничи и да не се донесуваат избрзани заклучоци. Треба родителите да седнат и да разговараат со децата за сите аспекти на детскиот свет“.
Видете и ова: Британија ќе ги менува правилата за Фејсбук и Снепчет„Момо“ да не стане “Син Кит“
Претходникот на „Момо“, играта „Син Кит“ многу повеќе ја вознемири јавноста кога се појави пред неколку години, а имаше и официјални полициски извештаи за самоповредувања, па дури и самоубиства на деца поради играта. Играта потекнува од Русија и според тоа што го наведуваат тамошните медиуми, „Синиот кит” се поврзува со смртта на 130 руски тинејџери. И во неа, како и во „Момо“, децата биле предизвикувани да извршуваат наредби што ги кажува „Синиот кит“.
Играта многу брзо од Русија се прошири и во Европа, а случаи на самоповредување биле регистрирани и во Шпанија и во Велика Британија, а во мај 2017 година, според локалните медиуми, биле забележани случаи поврзани со „Син Кит“ и во Хрватска и во Србија.
РСЕ со лажен детски профил играше „Син Кит“
„Сакам да играме“, напиша новинарот на РСЕ откако креираше лажен профил претставувајќи се како 15-годишно девојче на популарната руска социјална мрежа ВКонтакте.
„Дали си сигурна? Нема назад“, одговори таканаречениот водич на играта “Син Кит“.
„Да. Што значи тоа – нема назад?“
„Не можеш да ја напуштиш играта откако ќе започнеш.“
„Подготвена сум.“
Потоа, водичот ги објасни правилата: „Мораш внимателно да ја извршиш секоја задача и никој не смее да знае за тоа. Откако ќе ја извршиш задачата, испрати ми фотографија. На крајот од играта, умираш. Подготвена?“
„А ако сакам да прекинам?“
„Ги имам сите твои податоци. Некој ќе дојде по тебе.“
Првата задача за нашиот лажен играч е да го изреже симоблот „Ф58“ на својата рака. Фотошопирана фотографија беше испратена, но тогаш водичот од „Син Кит“ прекина да одговара.
За една недела, РСЕ успеа да исконтактира повеќе од 10 самопрогласени и поранешни играчи и неколку водичи.
„Јас сум твојот личен кит“, напиша друг водич, објаснувајќи ја играта од 50 задачи поделени во 50 игри. „Јас ќе ти помогнам да ја завршиш играта. Последниот ден е крајот на играта. Ако умреш, победуваш. Ако не, ние ќе ти помогнеме. Подготвена?“
Водичот потоа вети дека ќе ја испрати првата задача во 04:20 часот наутро. Но, до тогаш, неговиот профил беше блокиран.
За шест месеци во 2017 година, десетици самоубиства и обиди за самоубиства во Русија, Казахстан и Киргистан беа привремено поврзани со играта, иако при подолго истражување ниту едно од нив нема конечен заклучок за поврзаност. На 14-ти ноември 2016 година, полицијата во предградие на Москва го уапси 21-годишниот Филип Будејкин под сомнение дека е организатор на т.н. „група на смртта“ на Синиот Кит.