Предизвиците на Нотр Дам

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нотр Дам и одговорноста за идните генерации

Нотр Дам не е првата историска катедрала која страда од катастрофален оган и веројатно нема да биде последна. Во извесна смисла тоа е добра вест, велат експертите кои наведуваат дека оваа катастрофа покажала оти е неопходна поголема грижа за историското богатство.

Армија експерти и занаетчии од светот ќе бидат ангажирани во долгиот, комплексен процес на враќање на обезличената црква.

Но, тие ќе се соочат со значителни предизвици, почнувајќи со итната потреба да се заштити внатрешноста на катедралата, откако нејзиниот осум века стар дрвен покрив беше уништен од пламенот.

Данкан Вилсон, главен извршен директор на британската конзерваторска организација Историска Англија вели дека приоритет е да се обезбеди конструкцијата, како и зачувувањето на остатоците внатре во зградата.

За разлика од францускиот претседател Емануел Макрон кој вели дека за обнова на Нотр Дам ќе бидат потребни пет години Вилсон очекува процесот да трае над една деценија.

„Па, ќе бидат потребни години ако не повеќе од една деценија и ќе чини феноменален износ на пари. Но, знаеме дека чини многу пари поправката на историски градби, особено по таков катастрофален настан како што е овој и искрено го правите тоа за потомството, го правите тоа за стотици години“.

Ненси Ву, експерт за средновековна архитектура и едукатор во Метрополитен вели:

„Мислам дека она што беше изгубено за мене, лично, е лажното верување дека зградата е издржлива, дека зградата ќе остане таму засекогаш. Се разбира, тоа никогаш не е вистина. Многу згради се оштетени или уништени, а потоа повторно се раѓаат. И ние сме многу среќни што дознавме дека штетата е ограничена само на покривот“.

Точната причина за пожарот се уште не е позната, но француските медиуми цитираат извори од полицијата дека може да биде поврзана со проектот за реновирање на кулата на црквата која имала околу 250 тони олово.

Истражителите испитале околу 30 луѓе, повеќето од нив ангажирани во обновата. Според наводите на истрагата, по првиот аларм за пожар некои отишле да проверат на покривот, но не забележале ништо. Кога алармот се огласил по втор пат било предоцна.

Во меѓувреме, светскиот гигант Амазон соопшти дека по пожарот пораснала продажбата на романот на францускиот писател Виктор Иго „Богородичната црква во Париз“.

Приказната за ѕвонарот во катедралата Квазимодо тогаш помогна за реновирање на оваа црква која е една од најпознатите во Европа.

Таа е запишана во списокот на светското наследство на УНЕСКО и секоја година ја посетуваат 14 милиони луѓе.