Коалицијата „За подобра Македонија“ гарантира подобра иднина за Република Македонија, порача кандидатот за претседател, Гордана Сиљановска- Давкова од вечерашниот митинг во Валандово. Таа истакна дека ние сме една од најболните нации во Европа
„Политички болни сме заради нивната власт, здравјето ни е нарушено. Затоа што тие не водат сметка ниту за здравствената заштита, а да не зборувам и за еколошката,“ рече Сиљановска-Давкова на вечерашниот митинг.
Претседателскиот кандидат на СДСМ и владејачката коалиција Стево Пендаровски пак од Крива Паланка порача дека никој повеќе не гласа за политичари кои говорат за историја, туку дека народот сака да гледа во иднината.
„Со гласот за број три гласате за економски развој и просперитет, а гласот за Сиљаноска значи глас за трет мандат на Иванов. Гласот за Мицковски значи глас за Груевски, зашто луѓето се сменети, но политиките се исти,“ рече Пендаровски.
Претседателскиот кандидат Блерим Река од Битола порача дека е важно да се обезбеди цензус на изборите и ги повика граѓаните масовно да гласаат.
„Оптимист сум, кај мене владее позитивна енергија, а тоа значи дека на претстојните избори ќе обезбедиме цензус, без разлика на тоа кој ќе победи“, порача вечерва Река.