Пендаровски - Само заедно може да газиме напред

Централен митинг во Скопје на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од владејачката коалицијата на централниот митинг во Скопје ги повика сите да му се придружат на патот заедно напред. Тој вели дека треба да му покажат на светот дека може да се организираат фер и достоинствени избори на кои ќе се потврди успехот и ќе се завери билетот кон подобра иднина.

Пендаровски очекува поддршка и од Македонците, од Албанците, од Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и од сите останати, за како што рече, оти само заедно може да газат напред.

„Градиме едно општество за сите, концепт за успех и прогрес, општество во кое граѓаните се еднакви пред законите, правна држава во која нема место за криминал и корупција, позитивните промени што започнаа пред 2,5 години од држава заробена во изолација и неизвесност сега сме признаена во цел свет. Ги затворивме отворените прашањата, сè поблиску сме до масата на која се одлучува, ЕУ и НАТО не се далечни и неостварливи“, рече Пендаровски.

Тој вели дека ќе води политики на заедништво, не на поделби, ќе помирува, наместо да разгорува конфликти. Своето делување, како што вели, нема да се заснова на митови и легенди, туку на реална современа политика на интеграција.

Претседателскиот кандидат вели дека опозицијата нема реална понуда, нема ништо што означува прогрес, а тој ветува дека назадувањето ќе биде дел од историјата.

„Сиљановска сака да биде наследничка на Ѓорге Иванов, тоа не ни треба, не ни треба кочничар. Земјата ја извадивме од темното минато, се смиривме со соседите, дадовме пример, најдовме решение, се помиривме дома, отворивме перспективи за ЕУ и НАТО и економијата тргне нагоре, растат платите, невработеноста се намалува, сериозни чекори младите да останат тука“, рече Пендаровски.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев откако излезе на говорницата повика присутните да ги кренат знамињата, оти, како што рече следува селфи. Ова е историја, ова ќе го овековечиме, рече тој и направи заедничка фотографија со граѓаните.

Заев вели дека Пендаровски ќе влече напред, а не назад кон минатото. Тој зборуваше против опозицијата, а ги наброи и успесите на својата влада. Тој повика граѓаните да се придружат, како што рече, на победничката опција.

Бујар Османи од ДУИ рече дека Стево Пендаровски е симбол на внатрешната соработка и предвесник на европска иднина.

„Стево ќе биде идниот претседател, гласот на разумот, претседател кој ќе ги обедини заедниците во добри и во лоши времиња“, рече Османи.

На бината имаше и преведувачка за знаковен јазик, а говорниците и младите кои стоеја зад нив на бината носеа разнобојни маички со натписи заедно напред.

Пред да се соберат на централниот митинг пред Делегацијата на ЕУ, се одржа граѓански марш низ центарот на Скопје, поради што центарот беше блокиран.