Шведската полиција го уапси Дејан Давидовски, кој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, потврдија од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа. Оттаму велат дека обвинителството веќе побарало негова екстрадиција и очекуваат набрзо да биде спроведена постапката за негово екстрадирање.
Давидовски е еден до 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок при насилниот упад во Собранието. За 39-годишниот Давидовски, пред една година беше распишано меѓународна потерница, а по него трагаше и Интерпол.Давидовски бил приведен на 7-ми април годинава на пасошката контрола на аеродромот Скаваста во Стокхолм. Тој е од групата маскирани кои влегоа во законодавниот дом.