Кандидатката за претседател подржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во првата половина од претседателската кампања потрошила речиси 163 илјади евра, а како приходи пријавила 203 илјади евра од донации. Ова го покажува финансискиот извештај кој е објавен на веб страната на Државната изборна комисија. Овој извештај се уште не е објавен на страната на Антикорупциската комисија.
Според овој извештај на сметката за кандидатката за претседател легнале донации од 250 граѓани од кои наголеми донации уплатиле потпреседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски 3 илјади евра, пратеникот Антонио Милошоски по две ипол илјади евра, додека поранешниот градоначалник на град Скопје, Коце Трајановски ја поддржал нејзината кандидатура со 100 илјади денари, односно илјада и 600 евра. Меѓу донаторите се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски со 70 илјади денари и поранешниот министер за финасии Трајко Славески со 90 илјади денари, односно илјада и петстотини евра.
Претходно според извештаите објавени на веб страната на Антикорупциска комисија беше наведено дека кандидатот поддржан од владејачката коалиција Стево Пендаровски потрошил 484 илјади евра, додека неговиот противкандидат поддржан од албанската опозициска Беса и Алијанса за Албанците, Блерим Река потрошил 25 илјади евра. Пендаровски пријавил дека како приходи до сега прибавил 504 илјади евра, од кои 163 илјади доаѓаат од членарините од СДСМ, додека неговиот противкандидат Река пак пријавил приходи од 18 илјади евра кој ги добил како донации од Беса и Алијансата за Албанците.