Кинеските инвестиции во инфраструктурни проекти не се само економско, туку и политичко прашање, и Македонија мора да балансира помеѓу потребата од инвестиции во инфраструктурата, својот јавен долг, но и помеѓу интересите на ЕУ и САД, кои не секогаш се на иста линија која се работи за економската соработка со Кина.
Од друга страна, Македонија е многу мала земја за сама да дојде во фокусот на Кина, па затоа може само да биде дел од поголеми регионални инцијативи за инфраструктурно поврзување.
Видете и ова: И Македонија во балканската игра на Кина?Премиерот Зоран Заев, заедно со владина делегација во која се и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за култура, Асаф Адеми, ќе учествува на осмиот Самит на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина од процесот 16+1, кој се одржува денеска и утре во Дубровник.
Во рамки на иницијативата 16+1, Кина досега има инвестирано околу 9 милијарди евра во земјите од Централна и Источна Европа, но само мал дел од тие пари завршија во Македонија. Со кинески кредити се градат автопатите Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид, кои ги следеа низа контроверзии.
Професор Михаил Петковски од Економскиот факултет во Скопје вели дека земјава треба да биде заинтересирана за кинеските, како и за сите други инвестиции, но мора да се внимава и на политичката димензија.
„Треба да се има предвиде дека и прашањето на инвестициите има и политичка димензија и за неа политичарите треба да водат сметка. За економистите ситуацијата е јасна и чиста, но во политиката не е секогаш така еднозначно и кристално јасно“, вели тој.
Со сличен став е и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој додава и дека не е толку едноставно да се дојде до кинеските пари, затоа што за тоа се бараат државни гаранции, кои пак ќе значат дополнително зголемување на јавниот долг, чиј лимит е речиси достигнат. Тој вели дека нема политички бариери за зголемување на економската соработка со Кина, но оти има низа причини поради кои слабо оди извозот во Кина.
„Поради тоа што се работи за далечна земја, за друг менталитет, пласманот на нашите производи, кој е мал по количина, има доста проблеми, меѓутоа добро е што нашите фирми не се откажуваат. Политиката го поттикнува тој процес, не прави проблеми, меѓутоа реално на терен не може да се очекува ништо поголемо, поради тоа што овие проблеми за коишто зборувам ја обременуваат трговијата“, вели Азески.
Видете и ова: Расте трговската размена меѓу Македонија и КинаМинатата година од Кина во Македонија била увезена стока во вредност од над 440 милиони евра, а извозот бил само 56 милиони евра.
Кина во изминатите години го гради автопатот Белград – Бјело Поље меѓу Србија и Црна Гора, мостот Пељешац во Хрватска, а во план е и брза пруга меѓу Белград и Будимпешта, а има разговори и за термоцентрала на гас во Србија. Хрватска е заинтересирана за инвестиции за пругата Риека – Загреб, како и за бродоградилиштето Уљаник.
Македонија, пак, ја засилува културната соработка и се надева на зголемен број кинески туристи.