Објавени први фотографии од црна дупка

AFP - први фотографии од црна дупка направени со употреба на мрежа телескопи.

Меѓународен научен тим ја претстави првата фотографија на црна дупка – комсичко тело со многу силно гравитациско поле, направена со користење на мрежа телескопи.

Нивните податоци беа комбинирани во супер компјутер. Сликата на темното јадро со огнено-портокалов ореол од гас и плазма, ја покажува супермасивната црна дупка оддалечена 50 милиони светлосни години во галаксијата позната како М87.

Објавувањето беше направено преку симултани прес-конференции во Вашингтон, Брисел, Сантијаго, Шангај, Тајпеј и Токио.

Проектот беше спроведен од страна на Event Horizon Telescope (EHT), а меѓународната соработка во истражувањето беше почната во 2012 година во обид директно да се набљудува непосредното опкружување на црната дупка преку употреба на глобална мрежа на астрономски опсерватории базирани на Земјата.

Црните дупки е невозможно да се видат со голо око, бидејќи се толку густи што од нив не може да избега светлина.