Северна Македонија годинава претставува успешна приказна за регионот и Европа и затоа е важно да биде искористен политичкиот моментум и засилен преку одлука за почеток на преговори во јуни, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во Берлин остварија средба со државниот министер во рамки на Министерството за надворешни работи на Германија Михаел Рот.
Димитров додаде дека почетокот на преговорите ќе значи потврда за „историскиот пресврт“ во одосите со соседите и силен поттик за домашната реформска агенда.
„Истовремено тоа ќе биде неопходен сигнал дека европската перспектива е реална и дофатлива и дека Брисел и земјите членки објективно ги препознаваат и охрабруваат позитивните примери во регионот“, вели Димитров.
Османи истакнал дека Германија „е традиционално наша пријателска земја“. Тој го претставил спроведувањето на реформските Планови 3-6-9 и Планот 18 како клучни за реформскиот напредок на земјата.