Осуди за говорот на омраза на поглаварот на ИВЗ

Владата го осудува секој говор на омраза во Република Северна Македонија без разлика дали е искажан на социјални медиуми, на трибини, на конгреси, на прес-конференции, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

„Секогаш сме го осудувале говорот на омраза и во овој случај го осудуваме, потенцираше Бошњаковски, на новинарско прашање за говорот на омраза од поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија реис Сулејман Реџепи упатен на церемонија на поставување камен темелник на џамија за што тој на својот фејсбук профил објави видео.

На тој настан Реџепи рече: „Можете да видите со каква дива животиња народ живееме, затоа немаат идентитет и нема никогаш да имаат. Без разлика што ние сме сакале да им помогнеме. Не се помага на бесчувствителниот, не се освестуваат. Местото Лажец, кој го знае кој не, е село мултиетничко – има муслимани, православни христијани, има Mакедонци… не знам тие како себеси си се нарекуваат… има Aлбанци. Има две цркви, бројот на народите е ист, има две цркви, а ниту една џамија. Сто подземни далавери прават и сè уште не се освестени. Дај боже мене господ душата да не ми ја земе додека не поставам камен темелник на џамијата“.

Изјавата на Реџепи ја осудија и голем број здруженија и организации меѓу кои и Хелсиншкиот комитет и Цивил.

„Крајно неприфатливо е за еден поглавар на верска заедница да се служи со таков говор на омраза и да поттикнува верска и национална нетрпеливост. Неприфатливо е поглавар на верска заедница, чија цел е да обединува, а не да создава раздор меѓу народот, своите сограѓани да ги квалификува како „дивјаци и луѓе без идентитет“, стои во реакцијата на Цивил - Центарот за слобода.

Хелсиншкиот комитет реагираше, а поднесе и пријава за говор на омраза за Поглаварот на ИВЗ. Хелсиншкиот комитет, акко што наведуваат оттаму, препознал ширење на омраза и излагање на подбив на македонскиот народ во неговиот говор кога дава квалификации на „див“ и „непримерен народ без идентитет“.