Освен признавање на Договорот од Преспа преку изјави и декларации, ЕУ сега е повикана да преземе одлучувачки чекор и да донесе клучна одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, порача претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис за време на неговото обраќање на првата Конференција на претседателите на Парламентите на земјите членки на ЕУ на тема „Европската Унија и нејзините соседи“, што се одржа во Виена.
Вуцис неговиот говор го започна повикувајќи се „на најуспешниот пример за добрососедски односи, склучувањето на Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.
Покажавме дека кога постои неопходната политичка волја, државите можат на мирен начин да ги решаваат нивните разлики, врз основа на меѓународното правo и принципите на добрососедство. Нашите билатерални контакти на сите нивоа, веќе се чести и блиски и целиме кон создавање на целосен и модерен систем на соработка, рече претседателот на грчкиот Парламент, а се задржа и на минатонеделната посета на Алексис Ципрас на Скопје.
Вуцис говореше и за европската перспектива на регионот, истакнувајќи дека за Грција главен приоритет е интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан.