Кој шири лажни вести меѓу мигрантите во Грција?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигрантите го напуштија привремениот камп на северот на Грција

Последните мигрантите ги спакуваа своите шатори и заминаа од северниот дел на Грција по неуспешните напори во изминативе неколку денови да ги пробијат полициските линии и да се упатат кон границата со Северна Македонија.

Последните 60 од околу 1.000 мигранти кои три дена протестираа и се судираа со грчката полиција го напуштиле привремениот камп во Дијавата на северот на Грција.

Неколку шатори останаа на полето до мигрантскиот камп во близина на границата со Северна Македонија, додека мигрантите со автобуси беа вратени во организирани кампови.

Арфан Џафари од Авганистан вели дека многумина од нив биле прислени да заминат:

„Поголемиот дел од нашите браќа, повеќето од нашите роднини, повеќето од азилантите што се собираат овде, половина од нив одат во кампот, половина од нив со сила, ги седнуваат во автобуси и ги носат во Атина со сила. За нас е опасно да живееме во Грција “.

Мигрантите во изминативе денови се судираа со полицијата, бидејќи поверувале на лажните вести на социјалните медиуми дека патот кон Европа бил повторно отворен за мигранти и оти автобуси на невладини организации ги чекаат на другата страна на границата со Северна Македонија, околу 60 километри од Дијавата.

Конвоите луѓе на патот до границата беа пресретнати од полицијата која користеше солзавец за да ги растера.

Полицијата приведе неколкумина од мигрантите кои немале валидни документи.

Никос Рагос, координатор за миграција во северна Грција вели:

„Најпрвин треба да кажеме дека ова е одговорност на одделот за сајбер криминал за да откриеме од каде потекнува оваа лажна вест и за која цел“.

И кога привремениот камп почнал да се празни, неколкумина од мигрантите, како што јавува новинската агенција Асошитед прес, почнале гласно да се радуваат.

Тие наводно слушнале дека германската канцеларка Ангела Меркел ги отвора границата на нејзината земја.

Како и претходните, и оваа беше лажна вест.

Десетици илјади бегалци и мигранти, главно од Сирија, Ирак и Авганистан, остануваат заглавени во Грција откако балканските држави ги затворија нивните граници во 2016 година.

Тоа им беше главниот копнен пат кон северна Европа.