Заев најави инвестиција во РЕК Битола, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека доцни

Архивска фотографија- РЕК „Битола“

Премиерот Зоран Заев кој денеска ја посети РЕК Битола рече дека на 29-ти март распишан е тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола.

По средбата со директорот на АД ЕСМ Драган Миновски и директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски, Заев рече и дека инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори. Според премиерот една од најзначајните компании во државна сопственост инвестира повеќе од 20 милиони евра кои сама ги заработила.

“Тоа значи дека во минатото останале времињата кога Државните електрани кубуреа со струја, увезуваа скапа струја и парите оделе во непотребни инвестиции. Сега ЕСМ е насочена кон произвдство на струја со која ги задоволуваат потребите на потрошувачите во земјата, а како што неодамна слушнавме, врши и продажба на вишоци, со што остварува добивка и за сопствениот и за државниот буџет”, рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека власта не знаела да менаџира со енергетскиот сектор.

“РЕК Битола и АД ЕЛЕМ две години чекаат инвестиции од власта, а инвестиции нема. За Заев беше поважно парите од РЕК Битола да ги испумпува преку сомнителни тендери, кои ги добиваа фирми кои се поврзуваат со Вице Заев, отколку истите да ги инвестира во производствените процеси”, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.