Турција- околу 950 мигранти спречени во обид да преминат во Грција

Архивска фотографија- мигранти во Турција

Турските безбедносни сили задржаа 950 илегални мигранти во северозападниот дел на земјата при обид да влезат во соседна Грција, јави агенцијата Анадолија повикувајќи се на безбедносни извори.

Според агенцијата, а како што пренесува МИА, мигрантите тргнаа кон областа Едрене, откако во четвртокот им било кажано преку социјалните медиуми дека Турција ќе им дозволи да ја преминат границата, изјавиле изворите кои побарале да останат анонимни.

По дојава, полицијата и жандармеријата ги зголемија безбедносните мерки во близина на границата за да го спречат приливот на мигранти, информира Анадолија.

Сите мигранти се упатени до локалната Канцеларија за миграции во градот. Во 2015 година, исто така, илјадници илегални мигранти тргнаа кон Едрене, откако слушнале гласини дека Германија ќе ги прифати и оти граничните премини ќе бидат отворени.

Турција е главната рута за илегалните мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа, особено од 2011 година, кога почна граѓанската војна во Сирија.