Во Белград вечерва, како што е најавено, ќе се одржи 18-иот граѓански протест на опозицијата и граѓаните од „Еден од пет милиони“, со протестно шетање од Владата на Србија до ТВ Пинк, која од страна на демонстрантите е означена како „пропагандна машина на власта“.
Од страна на организаторите, најавено е дека протестите кои ќе започнат во 18 часот ќе бидат мирни. Но, сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ најави дека „граѓаните ќе ги залие со фекалии и подготвува дочек со големи звучници пред зградата на ТВ Пинк“, пренесува ТВ Н1.
Во пресрет на протестното шетање се огласи и претседателот Алекандар Вучиќ, кој на прес-конференција изјави дека полицијата во некој момент ќе мора да реагира на насилството.
“Се што работат е да се предизвика реакција на полицијата. Полицијата во одреден момент ќе мора да реагира на нивното насилство”, изјави Вучиќ.