Судири на мигрантите со полицијата во близина на Солун

Солун- полицијата се судри со мигрантите во близина на кампот Диавата, 05.04.2019

Мигрантите и бегалците и денеска се судрија со грчката полиција во привремениот камп Диавата во близина на Солун во обид да го продолжат својот пат кон западно европските земји, јавува грчката агенција АНА-МПА. Агенцијата пишува дека ситуацијата е тензична и дека полицијата употребила солзавец. Претходно, безбедносните сили на Грција почнаа процедура за префрлување на мигрантите во Јанина преку Кожани.

Агенцијата Ројтерс, пак, јавува дека во кампот има околу сто шатори, а дека полицијата употребила солзавец откако дел мигранти фрлале камења и шишиња кон полицискиот кордон во обид да го пробијат и да тргнат кон границата со Северна Македонија.

Денеска македонската вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека ја следат состојбата со мигрантите на јужната граница и дека се подготвени да се соочат и со зголемување на притисокот.

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски пак, вчера рече дека и полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и дека таа е под контрола.

Тензиите почна во текот на вчерашниот ден кога дојде до судирот на мигрантите со грчката полиција во близина на Солун. До него дојде откако мигрантите, од кои повеќето веќе имаат побарано азил во Грција, се обидоа да стигнат до оградената граница со Северна Македонија за да го продолжат патот кон западните земји. Како што се јавува, тие биле поттикнати од анонимните повици на социјалните медиуми за организирано патување на мигрантите низ балканските земји до западниот дел на Европа.