Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа мерка за затворање на стационарот „Вардариште” поради појава на заразни заболувања кај бездомните животни и непостапување по дел од утврдените пропусти во работењето констатирани со извршената контрола на 19 март годинава, соопшти денеска АХВ.
Во сила е и изречена забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата. Ветеринарите, наредиле и спроведување мерки за темелна дезинфекција дезинсекција и дератизација во стационарот во рок од пет дена пред негово повторно отворање. Од Агенцијата наведуваат дека при контролата меѓудругото било забележано дека дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена, кај дел од заловените животни констатирано е нарушено здравје и присуство на болести, не работела и комората за одлагање на угинатите животни.
“На втори месецот официјалните ветеринари извршија контролен инспекциски надзор во стационарот „Вардариште” при што е констатирано дека е постапено по наложените корективни мерки. Извршена е делумна санација на оградата, воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција комората за одлагање на лешевите и воспоставен е карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето на соодветна евиденција за секое заловено куче, а преземни се и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите”, се вели во соопштението.