Сиљановска-Давкова ако биде претседател ќе ги потпишува законите со новото име

Архивска фотографија- Гордана Давкова Сиљановска,кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Поголема проактивност во вршењето на функцијата, доколку биде избрана за претседател на државата, најавува кандидатката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја има поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за МИА. Ако биде претседател при употребата на ветото за одреден закон, таа својата постапка ќе ја образложува пред пратениците, со цел, како што вели, да се зајакне демократијата, но истакнува дека нема да го избегнува потпишувањето на законите заради името Република Северна Македонија.

“Видете, името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично”, вели Сиљановска- Давкова.

Таа не даде директни забелешки за работата на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, вели не сака да критикува колеги, но најави дека многу работи ќе ги прави поинаку, доколку биде избрана за шеф на државата. Почесто ќе се обраќа до Собранието, ќе ги сензибилизира пратениците за важни прашања, ќе го почитува принципот на меритократија секаде каде што претседателот има надлежности да именува, а ќе биде и поактивна во дипломатијата, особено во изборот на оние кои ќе нè претставуваат пред меѓународната заедница.

Кандидатката за претседателката од ВМРО-ДПМНЕ вели дека очекува да има цензус на изборите.