„Викендот кое четиричленото бугарско семејство го мина во нашиот прекрасен Охрид, за жал, заврши со сосема неочекуван и тажен крај за Бошнакови“, се наведува во телеграмата со сочувство на претседателот на Собранието, Талат Џафери, која тој ја упатува во свое и во име на пратениците во парламентот.
Џафери пишува дека е длабоко потресен од трогателната вест за ненадејната загуба на животите на четиричленото семејство.
„Нивниот лет беше прекинат со падот на леталото над Солунска Глава. Ова е жалосен настан за нивните блиски, за нивните пријатели, познаници и соработници, меѓутоа жалосен настан и за Република Бугарија и нејзините граѓани. Во оваа пригода сакам да изразам искрено сочувство и до државниот врв на нашата соседна земја и да посакам ваквите несреќни вести никогаш да не се повторат“, стои во телеграмата на Џафери.