Стејт департментот и официјално ги достави до Сенатот на САД сите потребни документи за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео на гала вечерата во Вашингтон по повод одбележувањето 70 години од формирањето на Северноатлантската алијанса.
„Оваа година се подготвуваме да ја примиме 30-тата земја, Северна Македонија, и со задоволство можам да кажам дека минатата недела формално ги доставивме документите за ратификација на Протоколот во нашиот Сенат, рече Помпео пред шефовите на дипломатиите на земјите сојузници во Алијансата.
Прв пат, на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО официјално е поканета и Северна Македонија како идна 30. членка, претставена од шефот на дипломатијата Никола Димитров.