САД со остри критики до Турција и Германија за Русија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пенс ги предупреди Турција и Германија за Русија

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ги предупреди Турција и Германија за нивните односи со Русија. Притоа тој оцени дека Анкара била „несовесна“, а го предупреди Берлин дека ризикува да стане „заробеник“ на Москва.

Потпретседателот Пенс во Вашингтон во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на НАТО го повтори противењето на Соединетите држави за купувањето на рускиот систем за противракетна одбрана, оценувајќи дела овој систем „претставува голема опасност за НАТО“.

„Турската набавка напротиввоздушен ракетен систем С-400 за 2,5 милијарди долари од Русија претставува голема опасност за НАТО и за силата на овој сојуз“.

Тој додаде дека особено е вознемирувачки фактот што Турција е решена да го оствари тој план иако САД и го ставија на располагање системот за противвоздушна одбрана „Патриот“.

„Турција мора да избере. Дали сака да остане клучен партнер на најуспешниот воен сојуз во историјата на светот? Или сака да ја ризикува безбедноста на тоа партнерство, правејќи несовесни одлуки кои го поткопуваат нашиот сојуз?“.

Американскиот потпретседател Пенс во врска со германската решеност да продолжи да го гради гасоводот „Норд стрим 2“ рече дека тоа би можело да ја претвори економијата на Германија буквално во заробеничка на Русија.

„Едноставно е неприфатливо за најголемата европска економија да продолжи да ја игнорира заканата од руската агресија и да ја занемари сопствената самоодбрана и нашата заедничка одбрана на такво ниво. Исто така, не е во ред Германија да дозволи да стане енергетски зависна од Русија“.

Пенс ги повтори критиките што претходно ги даде претседателот Доналд Трамп за тоа дека Германија сé уште одбива да издвојува 2 насто од бруто домашниот производ за заедничката одбрана во рамките на НАТО.

Тој притоа прецизира дека Берлин иако се согласил до 2024 година да троши 1,5 насто за одбраната, во предлог-буџетот за годинава, што беше презентиран во германскиот парламент, се предвидени само 1,3 проценти.

„Германија мора да стори повеќе“, потенцира потпретседателот на САД Мајк Пенс.