Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека мора да се најде решение за Специјалното јавно обвинителство и дополни дека тоа е еден од столбовите во борбата против корупцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање по работната посета на Државниот завод за ревизија, Османи рече дека формално мандатот на СЈО завршува во септември, а тие сакаат законот за јавно обвинителство да биде донесен до јуни, пред објавувањето на Извештајот на ЕК за да може да им се олесни на земјите членки на ЕУ одлуката за отворање на преговорите.
Османи повтори дека има два приниципа кои се тешки за компромис – одредена автономија во функционирањето на едно антикорупциско тело и завршување на сите индиции од прислушуваните материјали.
Османи рече дека очекува Европската Комисија да донесе одлука за преговори за државава во јуни, а отворање на првото поглавје во јануари.
„Ако меѓувладината конференција се одржи на крајот на годината очекувано е дека првото поглавје би се отворило во јануари. Тоа го објаснуваше комесарот Хан, дека јуни не значи оти веднаш го отвораме првото поглавје. Јуни се носи одлуката за почнување преговори оваа година. Поради сплет на околности, првото поглавје би се отворило во јануари.“ рече Османи по посетата на Државниот завод за ревизија.
До неговиот коментар доаѓа откако Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан изјави дека Европската Комисија најверојатно ќе препорача преговори за Северна Македонија и Албанија на 29-ти мај, но оти ги уверувал и скептиците дека овој процес е постепен и дека преговорите не би започнале веднаш.