На првиот ден од посетата на Вашингтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше средби со помошник државниот секретар Филип Рикер, и со конгресменот Брендан Бојл, на кои беше изразено задоволство од придружувањето на Северна Македонија во Алијансата.
МНР соопшти дека соговорниците на Димитров покажале особен интерес за темпото и длабочината на реформскиот процес, како предуслов за општество засновано на вистински демократски вредности.
“Со нетрпение ве очекуваме во НАТО. Реформите, особено во однос на Специјалното јавно обвинителство се императив и неопходно е да се зачува независноста на СЈО во рамките на Јавното обвинителство и неговиот капацитет, во интерес на правдата и одговорноста за корупција, му рече помошник-државниот секретар на САД Рикер, на министерот Димитров.
Во врска со состојбата на балканскиот простор Рикер нагласил дека е неопходно државите прво внатрешно да се преобразат и да изградат капацитет за систем заснован на правда и вредности.
Од МНР додаваат дека Димитров искажал благодарност за покажаната поддршка од Конгресот, и очекување дека САД, како наш докажан партнер, без застој ќе го ратификува Протоколот за полноправно членство во НАТО.
Денеска министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
По приемот за одбележување на 70-годишнината од формирањето на Алијансата, министерот Димитров ќе оствари средба со државниот секретар на САД, Мајк Помпео. Во текот на денот планирани се и повеќе билатерални средби.