Се врши увид на местото каде се урна авионот од типот Цесна на околу 5 километри северозападно од Солунска Глава, информираа денеска од МВР. Увидот го извршуваат службите на МВР, Институтот за судска медицина, јавното обвинителство и Комитетот за истрага на водухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за време на кратката прес-конференција изјави дека се работи за четиричлено семејство од Бугарија.
„Да, според презимињата станува збор за семејство“, кратко одговори Ангеловски.
Тој воедно изрази сочувство до роднините на загинатите и до граѓаните на Бугарија. Според него, авионот кој полетал од Охрид кон Софија бил лоциран вчера околу 19 часот, а за сите останати информации за случајот, како и за причините за несреќата, упати на другите надлежни институции.
Бугарските медиуми јавија дека загинале Георги Бошнаков, неговата сопруга Калина и двете ќерки. Бошнаков бил сопственик на фирма за рециклирање отпад. Од Институтот за судска медицина вршат обдукација на телата за загинатите лица.
„Телата се донесени, увидот на местото на несреќата уште трае. Подигнати се четири тела, ќе се прави обдукција и процес на идентификација”, изјави директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков.
Авионот вчера попладне околу 16 часот исчезнал од радарот кај Солунска Глава. Авионот поради лошите временски услови по полетувањето од Охрид побарал да слета на аеродромот во Скопје, но сепак го продолжил летот кон Софија.
Тасески претходно изјави дека воздухопловот попладнево е изгубен од радарскиот систем на контролата за летање. Контактот бил изгубен западно од Солунска Глава.
„Во 16:16 часот изгубен е контакт со мал воздухоплов тип Цесна П210Н кој летал од Охрид за Софија. Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија“, изјави вчера директорот и претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески.
Според него, пред да го снема авионот од радар пилотот пријавил дека има силни турбуленции.