Екипи на МВР и на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) заедно со двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје во моментов вршат увид на местото на авионската несреќа во која загина четиричлено семејство од Бугарија, информираа од МВР.
Обвинителите и екипи на Министерството за внатрешни работи, увидот го вршат заедно со судска медицина и други релевантни институции за утврдување на причините за авионската несреќа.
Акцијата беше прекината доцна синоќа поради лошите временски услови и непристапниот терен.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски синоќа на прес-конференција рече дека авионот Цесна за кој во 16:16 часот беше пријавено дека се изгубил од радар, а полетал од Охрид за Софија, од припадници на МВР бил лоциран нешто по 19 часот на околу пет километри северозападно од Солунска глава.
Тој посочи дека од Охрид полетале четири лица, државјани на Република Бугарија, меѓу кои и едно малолетно лице.
Лоцирани биле од воздух, но временските услови на локацијата биле лоши, па и покрај сите обиди да се пристапи до авионот, тоа синоќа било невозможно поради непристапниот терен.
Медиумите во Бугарија објавија дека загинатите се Георги Бошнаков, неговата сопруга Калина и двете ќерки.