Грчки медиуми: Историска посета на Ципрас на Северна Македонија

Зоран Заев и Алексис Ципрас во Скопје

Нова ера и нови можности во односите меѓу двете земји, посета со историско значење, средба во позитивна, срдечна и пријателска клима, почеток на нови стратешки односи, се најчестите коментари во грчките медиуми за вчерашната посета на Алексис Ципрас на Северна Македонија Акцентот од грчките новинари е ставен на најавените соработки и потпишаните спогодби, селфи фотографиите, активностите на сопругата на Заев и партнерката на Ципрас, јави МИА од Атина.

Голем дел од грчките медиуми, весниците, телевизиите, радијата, испратија свои новинари во Скопје за одблиску да ги следат активностите на делегацијата министри и бизнисмени предводена од Алексис Ципрас. Детално и опширно известуваа како за првата заедничка
седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји и потпишаните договори, така за одржаниот бизнис форум, но и за сето она што беше вон протоколот.

Историскиот карактер на посетата на многубројната владина делегација во Скопје и новата стратешка визија меѓу Грција и Северна Македонија ги истакнаа Алексис Ципрас и Зоран Заев во нивните изјави веднаш по завршувањето на заедничката седница на Високиот
совет за соработка меѓу двете земји, објави грчката државна телевизија ЕРТ.

"Целта за Алексис Ципрас е постигната. Она што го кажаа блиски соработници на грчкиот премиер, кои се заедно со него, е дека со симболичниот потег, со првата посета на грчки премиер на Скопје, сакаше да ја зајакне стратешката соработка, Грција да има уште
еден стратешки сојузник во поширокиот регион на Балканот затоа и беа потпишани низа договори", рече новинарот од Антена во неговото јавување од Скопје.

Алексис Ципрас е првиот грчки премиер во историјата што ја посетува соседната земја и според Зоран Заев, пишуваат историја, објави телевизијата Open.

"И двајцата премиери ги истакнаа позитивните точки од договорот дека и двете земји можат да одат напред", објави грчката телевизија Скај во однос на економскиот форум.

Безбедносната соработка, комисијата за трговските ознаки, спомениците, учебниците, отворањето амбасади во двете земји, се темите што преовладуваат во новинарските извештаи.