Во услови на зголемени тензии меѓу САД и НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг, пред неговиот говор во американскиот Конгрес, се состана со претседателот Доналд Трамп.
Американските законодавци минатиот месец го поканија Столтенберг во еден редок двопартиски потег и тоа во услови на јавна расправија меѓу Алијансата и Трамп.
Односите се затегнати, уште пред Трамп да влезе во Белата куќа.
„Реков дека е застарено и чини многу“.
Тој овие коментари ги продолжи и по преземањето на функцијата.
„Плаќаме многу повеќе од 2 процента, што е веројатно неправедно“.
Ова предизвика загриженост кај членките за тоа дали во итен случај, Соединетите држави ќе се придржуваат кон членот 5 на НАТО, односно принципот дека напад врз еден сојузник треба да се смета за напад против сите.
НАТО беше формиран пред 70 години поради загриженоста од потенцијална агресија од Русија.
Сега НАТО се најде пред нова итност поради знаците дека Русија работи на неколку фронтови за да ја засили својата војска, но и по повиците на Трамп за поблиски врски со Русија.
Трамп на средбата со Столтенберг рече дека членките на НАТО почнаа да го спроведуваат неговото барање:
„Ќе имаме уште 100 милијарди долари повеќе до 2020 година или малку во 2020 година. Значи, постигнат е огромен напредок и НАТО е многу посилен поради тој напредок“.
Годишниот извештај на НАТО за 2018 година покажа дека членките се доближија до заложбата да трошат 2 процента од националното економско производство за одбрана секоја година.
Во Овалната соба, Столтенберг рече дека тој пораст го смета за позитивен знак.
„И тоа докажува исто така дека НАТО е силен сојуз, ја зголемивме подготвеноста на нашите сили и ја засиливме нашата заедничка борба против тероризмот и вложуваме повеќе. Па всушност, Северна Америка, САД и Европа, ние сега правиме повеќе заедно, отколку што направивме за многу, многу години“.
По повод 70 годишнината од формирањето на НАТО, во Вашингтон се одржува дводневен министерски состанок.