Премиерот Зоран Заев на денешниот бизнис форум Северна Македонија- Грција изјави дека бизнисмените од двете земји и покрај политичките пречки морале да бараат креативни решенија за соработка. Нивната посветена работа, според него, денес е крунисана и им честиташе на бизнисмените за нивната истрајност во тешки времиња. Тој истакна дека Грција во 2018 станала втор трговски партнер на Северна Македонија. Заев ги покани грчките бизнисмени уште повеќе да инвестираат во земјава и да ги искористат можностите кои им се нудат.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека бизнисмените и политичарите од двете земји придонесуваат во трансформацијата на Балканот од досега позната област на конфликти во парна локомотива на Европа. Тој рече и дека е импресиониран од бројот на претприемачи на форумот, што покажува дека двете земји може да соработуваат и ги искористат можностите.
Двајцата лидери најавија соработка во енергетскиот сектор, инфраструктура, транспорт и зголемување на трговска размена. На бизнис форумот учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји.