Министерката за правда Рената Дескоска пред новата рунда преговори за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство изјави дека може да се очекува напредок доколку претставниците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да ги почитуваат препораките на меѓународната заедница. Одговарајќи на новинарско прашање пред конференцијата „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“, Дескоска дополни дека доколку ВМРО ДПМНЕ останат на своите ставови, тогаш не гледа надеж дека нешто посебно би се случило за законот за кој е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
„Секоја пратеничка група и секоја партија си го составува преговарачкиот тим. Нивната оценка кој ќе ги застапува најдобро нивните интереси можете ја видите од составот на тимот и секако тоа праќа порака кои позиции ќе им бидат приоритетни во преговорите, но нивно дискреционо право е да си го состават тимот“, кажа Дескоска.
Дескоска пред медиумите повтори дека не се согласува со тоа дека треба да заврши мисијата и работата на СЈО, туку дека "како држава ќе испратиме сериозна порака доколку овозможиме трајно функционирање на СЈО".