По бурната недела во која стратегијата на Меј по трет пат беше отфрлена од страна на законодавците, и покрај нејзината понуда за оставка, Брегзитот останува заглавен во конфузија.
Во обид да го пробијат ќор-сокакот, британските пратеници гласаа за четири алтернативни опции на Брегзитот во последен момент во врска со она што е најголема политичка промена на Обединетото Кралство од Втората светска војна.
Сите четири алтернативи не беа изгласани.
Опцијата што беше најблиску до добивање на мнозинство беше предлогот да се задржи Британија во царинска унија со ЕУ, која не помина само за три гласови.
Лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, во врска со ова рече:
„Договорот на премиерката беше одбиен со многу големо мнозинство во три наврати. Ако е доволно добро за премиерката да има три шанси за нејзиниот договор, тогаш предлагам можеби Домот да има шанса повторно да ги разгледа опциите што ги имавме пред нас денес, во дебатата во среда“.
Министерот за Брегзит, Стивен Беркли, откако беа објавени резултатите, изјави дека во ваков случај Британија ќе ја напушти Европската унија на 12 април, без договор - сценарио кое е ноќна мора за многу меѓународни компании.
„Овој Дом континуирано го отфрла напуштањето без договор, како што го отфрла и ненапуштањето воопшто. Затоа, единствената опција е да се најде начин преку кој ќе се дозволи Велика Британија да замине со договор. Владата продолжува да верува дека најдобриот чекор за акција е тоа да се направи што е можно поскоро. Ако Домот се согласи со договорот оваа недела, сепак може да биде можно да се избегне одржување европски парламентарни избори“.
Стивен Беркли навести дека премиерката Мејможе да го стави нејзиниот договор со Унијата на уште едно четврто гласање во текот на оваа недела, со надеж дека ќе обезбеди уреден излез пред одржувањето на европските избори на 23-ти - непредвидлива компликација што британската влада сака да ја избегне.