Премиерот, Зоран Заев, денеска се обрати на почетокот на дводневната регионална конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“.
Тој изјави дека нелегалните глобални прекугранични активности се реалност за која се неопходни соодветни одговори.
„Во глобалниот свет, ако слободниот проток на луѓе и производи мора да биде максимално ефикасен, двојно повеќе треба да бидат поефикасни мерките за борба против организираниот криминал, вклучувајќи ја корупцијата и илегална миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе“, рече Заев.
Тој кажа и дека како порта на ЕУ, Западен Балкан е клучната точка на нелегални активности и дополни дека институционална и морална должност е да се запрат сите криминални прекугранични активности.
„Подготвени сме да ја дадеме целата неопходна логистика и институционална поткрепа како наш придонес за справување со сите зла на границите во 21 век. За мене е од особено значење присуството на претставниците на највисоките оперативни структури од земјите учеснички на конференцијата чија должност е превенирање, откривање и докажување на кривичните дела од организираниот криминал, корупцијата и илегалната миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе, сето ова упатува на сериозноста и на потребата од оваа меѓународна конференција“, посочи Заев во обраќањето.
На регионалната конференција „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“ учествуваат претставници на граничните и царинските управи од државава, но и од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција кои ќе ги споделат најдобрите меѓународни практики за спречување на организираниот криминал и корупција.
На почетокот на дводневната регионална конференција се обратија и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, придружуван од директорот на Царинска управа на РСМ.