Фатени две лица кои основале лажна фондација за да заработуваат од донации

Македонска полиција, МВР

МВР поднесе кривична пријава против две лица кои со цел да заработат за свои лични потреби формирале Фондација со име „Допир“, која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести.

Како што јави МВР се работи за лица на 53 и 49-годишна возраст, со иницијали М.Ш и А.Ш. Двајцата креирале веб страна, а полицијата утврдила дека лицата за кои се собираат донации на страната не постојат, односно креирани се измислени, лажни, фиктивни профили преку кои веб-страницата собирала донации и парични средства. Измамниците вкупно собрале 3.531.199 денари.

По направената анализа на банкарските сметки било констатирано дека од собраните парични средства, пријавените вршеле повлекување на парични средства за сопствени потреби. Паричните средства од фондацијата се замрзнати.