Мигрант починал, а шест се повредени откако ги исфрлил возачот што ги превезувал

Полицијата покрај магистралниот пат Удово-Демир Капија, во близина на Водисирска река, утрово го пронашла починат С.И.(27), мигрант од Бангладеш и уште 14 мигранти од Пакистан и Бангладеш, од кои шест биле со тешки повреди.

Од МВР соопштуваат дека мигрантите изјавиле дека биле истоварени од возачот на возилото со кое биле превезувани, кој им рекол дека мора да скокнат надолу затоа што на патот има полиција. Скокајќи од возилото, дел од нив биле повредени, а 27-годишниот мигрант починал.

Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Валандово, и известен е јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција. Повредените се пренесени во болниците во Гевгелија и Кавадарци. Од МВР велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и расчистување на случајот.