Омбудсманот ги потсетува граѓаните за важноста на избирачкото право

Иџет Мемети, народен правобранител

Народниот правобранител во пресрет на Претседателските избори и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Дебар и Ново Село, ги потсетува граѓаните, за важноста на избирачкото право и начинот на остварувањето и заштитата на ова право, а воедно упатува апел до институциите и сите други за обврската и одговорноста од создавање на реални услови за овозможување, почитување и остварување на избирачкото право на граѓаните, како и правилата за фер и демократски избори.

“Секој има право да се изјасни за својата опција без притоа да трпи никакви последици. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Никој не смее во нивно име, преку разни форми на притисоци, уцени и закани да одлучува. Граѓаните не смеат да молчат, напротив мора да
бидат активни, затоа што со навремено пријавување на неправилности од кој било вид го штитат нивното право, а истовремено придонесуваат за демократичноста на изборниот процес во целина”, порачува Народниот правобранител.

Токму затоа, ги охрабрува сите, веднаш и без двоумење да ја пријават секоја форма на притисок, прекршување на нивните права и на прописите, и потсетува дека е отворена бесплатна телефонска линија на Народниот правобранител 0800 54321, непосредно во канцеларијата во Скопје и во подрачните канцеларии низ Републиката.

Истовремено, Народниот правобранител укажува дека навремено и ефикасно ќе интервенира во сите случаи на пријавување на повреди на избирачкото право, а истото го очекува и од сите други надлежни органи.