Албанските опозициски партии Алијанса за Албанците и Беса изразија поддршка за опстојување на СЈО како посебен орган во рамки на Јавното обвинителство кое ќе има ефикасни надлежности, рече министерката за правда Рената Дескоска по средбата со нив. На средбата во Собранието присуствувал и премиерот Зоран Заев. Разговорите се во насока на обебедување на двотретинско мнозинство во Собранието за Законот за обвинителство.
„Генерално од денешната средба е поддршката за СЈО како орган кој ќе има ефикасни надлежности и кој ќе биде посебно обвинителство што всушност е и дел од сегашниот закон. Во делот на начинот на користење на снимките како доказни средства ќе има дополнителни консултации, рече Дескоска.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека ги разгледале амандманите што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Таа очекува опозициската партија на попладневната средба да ги земе предвид и укажувањата што денеска беа повторени и од страна на амбасадорот на ЕУ, за да се создаде решение кое ќе добие позитивна оценка од Брисе.
Таа очекува согласно укажувањата на ЕУ, овој закон да биде донесен во најкус можен рок бидејќи се затвора извештајот на ЕК за нашата земја.
Претходно претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека нема да го стави законот на собраниска седница за време на изборна кампања.
Лидерот на Беса, Биљал Касами по средбата рече дека тие се за продолжување на мандатот на СЈО до завршување на сите случаи. Тој рече и дека нагласиле дека прислушкуваните материјали треба да останат валидни.
Зијадин Села од Алијансата на Албанците побарал СЈО да продолжи да работи онака како што е формирано, но не да биде дел од Јавното обвинителство. Алијансата бара и да се надгради системот и да се формира специјално судство.