ЕУ ги повикува партиите да го усвојат Законот за јавно обвинителство

Евроамбасадорот Самуел Жбогар

Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар во писмена изјава. Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата вели дека ЕУ одблиску ги следи подготовките за измена на Законот за јавно обвинителство, со кои треба да се реши и статусот на СЈО.

„СЈО значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост“, изјавува Жбогар.

ЕУ ги повикува сите парламентарни политички партии да го усвојат законот. Со тоа, како што пишува во соопштението, ќе им се покаже на граѓаните, како и на меѓународната заедница, посветеноста за утврдување одговорност за сите кривични дела, особено за корупцијата на високо ниво и злоупотреба на моќ, но и за зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.

Партиските групи во 18 часот треба да се сретнат во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство.