По велешките случаи и американските претседателски избори, Фејсбук вчера повторно отстрануваше лажни профили и групи од Македонија. Овојпат најголемата социјална мрежа во светот не посочи конкретни примери за отстранети налози, ниту пак објави точен број на такви налози од Македонија.
„Остранети се 212 профили, страници и групи на Фејсбук од Македонија и од Косово поради координирано неавтентично однесување“, соопштија од Фејсбук и додаваат дека „постојано работат на откривање вакви аномалии, бидејќи не сакаат никој да ги користи нивните сервиси за да манипулира со луѓето“.
Бошковски: Манипулативно насочување на што повеќе посетители на едно место
Горан Бошковски, советник за интернет маркетинг, вели дека целта на ваквата манупулација е до одредена цел да се однесат што повеќе посетители, без оглед дали мотивите се пари или идеологија.
„Не е прв пат да се отстрануваат налози на Фејсбук од Македонија, а ниту овој тип на манипулација на социјалните мрежи не е нешто ново. И не е својвтвена само за Фејсбук туку ја има и на другите мрежи. Сите се сеќаваме на велешките случаи и американските претседателски избори. Се работи за координирано здружување на повеќе субјекти со една цел која може да биде идеолошки или финансиски мотивирана. Здружувањето на субјектите е да се измами средината за нивниот идентитет и со коментари, четови, постови... да се насочат што повеќе посетители кон саканата цел која најчесто е конкретна содржина, конкретен производ, веб страница, пост...“, вели Бошковски.
Тој вели дека лажните профили како овие најчесто се користат за споделување содржини во големи групи каде има повеќе потенцијални членови кои „ќе се залепат на споделената содржина“.
„Креираш лажен профил на Фејсбук и преку него во големи групи споделуваш содржини од твојата веб страница, без членовите на таа група да знаат дека зад лажниот профил се крие сопственикот на таа веб страница или некој што работи за таа веб страница. Ова е само еден пример“, објаснува Бошковски.
Што значи координирано неавтентично однесување
Координирано неавтентично однесување значи дека група на страници или профили на социјалните мрежи кои работат заедно, притоа давајќи погрешни информации околу тоа кој стои зад нив и со што се занимаваат. Таквите налози се отстрануваат од Фејсбук и од Инстаграм без оглед на тоа дали содржината што ја пласираат е вистинита.
Избришаните македонски и косовски профили и групи од Фејсбук и Инстаграм управувале со лажни налози за да администрираат страници кои споделуваат содржини кои не се специфични за земјата,а се однесуваат на астологија, славни личности и убавина. Тие исто така, според Фејсбук, раководеле и со страници кои наводно претставувале политички заедници во Австралија, САД и во Велика Британија и објавувале верски и политички теми поврзани со национализам, ислам и политички личности.
„Иако се обидоа себеси лажно да се претстават , успеавме да откриеме дека тие налози се поврзани со поединци кои оперираат во Македонија и во Косово“, вели Натаниел Глечер, шеф на секторот за сајбербезбедност во Фејсбук.
Тој додава и дека дел од тие лажни налози од Македонија и од Косово објавувале и содржини кои се однесуваат наводно на здравствени теми или на политичката ситуација во Велика Британија.
Лажни канали и скриен центар
Лажните страници и профили на т.н. спамери и скамери од Македонија и од Косово кои имале 40 Инстаграм и 172 Фејсбук профили ги следеле 685.000 корисници на Фејсбук и на Инстаграм. Главно работеле со содржина поврзана со комерцијални совети, а помал дел со политички теми.
Според Глечер, тие користеле иста тактика како и корисниците на избришаните лажни налози од Иран и од Русија, но истражувачите и експертите од Фејсбук не откриле врска помеѓу избрижшните профили.
За разлика од македонските лажни налози, Фејсбук посочил два лажни налога кои се координирале од Косово – Бру и Хелти лајфстајл. И давата налога се поврзани со веб страница која се наоѓала на интернет адресата healthynewsfree.tech.
„Фејсбук страните се всушност каналите, а во центарот е веб страницата која постои на адресата HealthyNewsFree.tech. Фејсбук групите кои не сакале да се знае дека се поврзани со таа веб страница се именувале како „Worldwide“, „Worldwide Press“ и „Healthy Lifestyle“. Кој е сопственик на таа веб страница е скриено од јавноста. Но, фактот што приказните од таа страна се единствените промовирани на Фејсбук страните навестува дека има блиска врска меѓу сајтот и групите на социјалните мрежи. Исто така, некои од текстовите на веб страната се напишани на албански јазик и се споменуваат настани во Косово, каде 90 отсто од популацијата е албанска националност“, објави канадскиот Инфорепорт повикувајќи се на сторија на австралиската мрежа „Еј-Би-Си“.
Фејсбук отстранил вкупно 2632 налози кои, освен од Македонија, биле од Русија и од Иран.