ВМРО ДПМНЕ доставила шеесет и пет амандмани до Министерството за правда за законот за јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, преговорите продолжуваат, а на процесот треба да се му се даде шанса.
Ова го кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ТВ дуелот кој вечерва се одржува на Канал 5 меѓу него и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Заев и Мицкоски вечерва на ТВ дуелот искажаа различни мислења како СЈО треба да продолжи да работи.
ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да стане оддел кој ќе се занимава со висока корупција во рамки на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека СДСМ смета дека тоа треба да остане посебно обвинителство во рамки на јавнообвинителскиот систем, кое ќе одговара пред државниот јавен обвинител.
Во врска со СЈО премиерот Зоран Заев рече дека е непоправлив оптимист и оти не се откажува од Обвинителството.
„Непоправлив оптимист сум и не се откажувам ниту од СЈО, ниту од Катица Јанева, Ниту од Артан Ајро, ниту од Трајче Пеливанов. СЈО треба да се искористи и треба да имаат комплетно финансиски средства . Ќе сторам се и верувам дека треба да направиме се со консензус да го изгласаме Законот за јавно обвинителство. Тука се поставува прашањето дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира уште овој процес и иднината на Република Северна Македонија, а ќе го штити криминалот", рече Заев.
Мицковски пак рече дека преговорите за СЈО не се пропаднати, но наведе дека ова обвинителство се користи само за дополнителен притисок врз опозицијата.
„Преговорите не се пропадната и уште траат и на процесот треба да му се даде шанса. Амандманите се доставени и сакаме правда за секого и правда за сите. Ако внимателно не следевте, овој закон за Јавно обвинителство не подразбира постоење на СЈО , туку инкорпорирање на ова обвинителство во Јавното обвинителство. Имаме сиромашен буџет и ограничени средства и СЈО сакаме да го споиме со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и да се нарекува Оддел за висока корупција и организиран криминал", рече Мицкоски.
Инаку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување рече дека постои можност осумтемина пратеници кои беа исклучени од партијата, да бидат вратени.
"Секогаш во животот постојат работи што имаат реверзибилна насока. Апсолутно е можно, секогаш постојат секакви можности", рече Мицкоски.
Тој додаде дека на средбата со оваа независна пратеничка група ги презентирал принципите на ВМРО-ДПМНЕ за реформските закони, но и за Законот за јавно обвинителство, кое ќе ја дефинира иднината на СЈО.