Законите кои не ги потпиша Иванов утре повторно пред пратениците

Собраниска седница

Законите за заштита од дискриминација и за оперативно техничката агенција и електронски комуникација утре повторно треба да се најдат на собраниска седница, откако денеска претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша указите за нивно прогласување.

Од СДСМ реагираа дека Иванов е кочничар на реформскиот процес.

„Иванов се потврдува како промотор на дискриминацијата и противник на професионална Државна комисија за заштита од дискриминација. Како што го почна, така и го завршува мандатот. Иванов е против реформскиот процес, Иванов е против концептот фер општество, кое штити од секаков облик на дискриминација. И во последните денови од мандатот Иванов останува доследен во своето дејствување спротивно на интересите на граѓаните и државата“, изјави пратеничката Јагода Шахпаска денеска на прес-конференција.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека за законите ќе гласаат како и претходно.

Познато е дека пратениците од ВМРО ДПМНЕ не беа во салата кога Собранието на печетокот на овој месец го изгласа Законот за заштита од дискриминација, со 52 гласа „за“. Претходно оваа партија во јавноста изнесе дилеми во однос на овој закон.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа и на седницата на која со 62 гласа за Собрнието Собранието ги усвои во прво читање законите за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите, како дел од реформскиот процес во безбедносните служби и системот за следење на комуникациите.

Откако претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша указите за прогласување на законите за заштита од дискриминација и за оперативно техничката агенција и електронски комуникација, и ги врати повторно на гласање во Собранието, тие треба да бидат објавени во Службен весник кога повторно ќе бидат усвоени.

Од Кабинетот на Иванов посочија дека "никој не го спречува Собранието да го повтори веќе направениот преседан и на незаконски начин, без потпис од претседателот на државата во Службен весник да објави укази за прогласување на закони донесени од Парламентот"

Иванов, според образложението што го доставил до Собранието, указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што вели, ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Претседателот Иванов не ги потпишува законите од 11 јануари, кога во Собранието беа усвоени уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија.