Турски воени авиони го пресретнале хеликоптерот на Ципрас

„Џабе троши бензин и керозин“ и порача на Турција грчкиот премиер Алексис Ципрас откако денеска турски воени авиони го попречиле патот на хеликоптерот со кој патувал кон островот Агатониси кој се наоѓа во близина на Турција. За време на неговото патување по повод грчки национален празник, турски авиони го нарушиле грчкиот воздушен простор и го принудиле хеликоптерот да лета ниско и при тоа да прави маневри, се додека не интервенирале грчките воени авиони, јавува новинската агенција МИА.

„И која беше целта? Да го пресретнат хеликоптерот на премиерот? Треба да знаат дека овие бесмислени дејствија немаат никаква смисла. Џабе си трошат керозин и бензин, е пораката што сакам да ја пратам, прво затоа што ние ќе бидеме секогаш тука за да го одбраниме нашиот национален интегритет и второ затоа што грчкиот премиер ќе се најде и на најизолираниот остров од нашата држава, па дури и да биде потребно до таму да стигне со пливање, рече Ципрас во неговото обраќање од островот.

Грчкиот премиер нагласи дека Грција секогаш е за мир, дијалог и соработка и испрати порака до Турција дека само овие работи имаат перспектива..