Американскиот главен обвинител и секретар за правда, Вилијам Бар, соопшти дека во извештајот на специјалниот истражител Роберт Мулер за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016-та година, нема докази за конспирација или соработка на членови на кампањата на Трамп со руски официјални претставници. Претседателот Доналд Трамп оцени дека сега е јасно оти е целосно невин, но демократите не се согласуваат и бараат објавување на целиот извештај на истражителот Мулер.
Американскиот претседател Доналд Трамп беше на Флорида кога беа објавени првите резултати од истрагата која фрлаше сенка врз неговата функција.
Два дена претходно, по двегодишна истрага, специјалниот итражител Роберт Мулер ги достави доверливите заклучоци до американскиот главен обвинител Вилијам Бар. Главното прашање беше: дали Трамп или негови соработници соработувале со Русија во 2016-та и дали ја попречувале истрагата.
На 24-ти март беше објавен сублимат од истрагата на 4 страници.
Трамп веднаш оцени дека се покажало оти е невин.
„Тоа е комплетно отфрлање на вината. Беше срам за нашата земја што поминуваше низ ова. Да бидам искрен, срам е што претседателот мораше да минува низ ова“.
Според заклучокот на американските разузнавачки агенции за руската вмешаност во изборите, во сублиматот стои: специјалниот истражител не најде дека Трамп или некој поврзан со него соработувал со руската влада за ова.
Исто така е напишано: нема докази дека претседателот се обидувал да ја попречува истрагата.
Но, во извештајот на Милер се вели и дека: иако не може да се заклучи дека претседателот сторил криминал, тоа не може ниту да се исклучи.
Демокатските лидери во Конгресот, Ненси Пелоси и Чак Шумер, испратија заедничко соопштение во кое бараат итно и неодложно објавување на целиот извештај на Мулер.
Претседавачот на Комитетот за судство, Џери Надлер, деморат, оцени дека сублиматот од извештајот отвора повеќе прашања отколку што дава одговори.
„Претседателот не е ослободен од вина, а јавниот обвинител решил да не оди натаму и да не ги дава јавно сите наоди. Ние не можеме да се потпреме на она што можеби е партиска интерпретација на фактите“.
Истрагата на Мулер доведе до обвиненија, апсења на неколкумина луѓе, блиски до Трамп.
Неговиот прв советник за безбедност, Мајкл Флин, кој си поднесе оставка по само 22 дена, се изјасни за виновен за лажење во истрагата на Еф БИ АЈ во врска со контактите со руси.
Долгогодишниот личен правник на Трамп, Мајкл Коен, се изјасни за виновен и е осуден на 3 години затвор за финансиски малверзации во кампањата, даночни затајувања и за лажење во Конгресот.
И водачот на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, беше осуден за финансиски криминал на казна од 7 години затвор.
Трамп оцени дека покренувањето на истрагата е резултат на политички напад од страна на неговите противници и оти ќе има последици.
Како и да е, политичката битка во врска со истрагите се заострува и изгледа како да е далеку од завршена.