Петмина кандидати поднеле кандидатури за предвремените избори за градоначалник на Охрид, а по двајца за градоначалници на Ново Село и Дебар. Локалните избори за овие три општини ќе се одржат заедно со претседателските. Првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Жребувањето за редоследот на кандидатите за градоначалници на трите општини ќе се одржи в понеделник.
Во трката за градоначалник на Охрид се Нихаил Трендафилов – Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“. Изборите за градоначалничката функција беа распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот на Oхрид Јован Стојаноски, кој почина на 15 декември минатата година.
За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Никола Андонов е познат стопанственик од селото Колешино, а функцијата градоначалник на Ново Село ја извршуваше во периодот од 2005 до 2009 година. Николчо Стоилков е актуелен претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ во Ново Село. Во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.
Во трката за градоначалник на Дебар, на предверемените локални избор, на 21 април ќе учествуваат двајца кандидати - Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ и Арбен Аголи на Алијасата за Албанците, поддржан од Движењето „Беса“. Избори за градоначалник во Дебар се организираат поради смртта на претходниот, Ружди Љата, кој, по кусо и тешко боледување почина на крајот на ноември минатата година, на 65-годишна возраст.