Шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во нашата земја Димитрис Јанакакис изјави дека во односите меѓу Грција и Северна Македонија минатата година имаше еден невиден дотогаш развој како резултат на историското потпишување на Преспанскиот договор и неговата ратификација подоцна од страна на парламентите на двете земји. Тој вели дека сега ќе биде важно да се спроведе стратешкото партнерство воспоставено со Договорот од Преспа.
„Сега имаме можност да сториме многу повеќе. Преспанскиот договор повикува на развој на соработката во многу области. Оваа соработка ќе биде многу корисна за двата народа, нашите општества, а особено за нашите млади луѓе и може да биде многу плодоносна во пракса за нашите граѓани. Ова се покажува и со неодамнешното потпишување на Договорот за отворањето нов граничен премин помеѓу Лемос и Маркова Нога во регионот на Преспа и со потпишувањето на Меморандумот за разбирање за намалувањето на роамингот пред јули годинава. Има уште многу да се стори. Верувам дека наскоро ќе видиме повеќе резултати во пракса. Како Канцеларија за врски што наскоро ќе стане амбасада ќе помогнеме колку што е можно повеќе“, рече денеска Јанакакис на приемот организиран по повод 25 Март – Националниот ден на Грција.
На приемот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, министри во Владата, дипломатскиот кор, грчкиот заменик-министер за надворешни работи Маркос Боларис, како и истакнати стопанственици и други јавни личности.