Преку 300 диви депонии и над 1.500 селски буништа и ѓубришта има на територијата на Македонија според сознанијата на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, кој посети над 200 депонии низ цела држава во акција која е дел од проектот „Креативни заедници на ЦСУ“ поддржан од УСАИД.
Според нивните податоци најзагрозени со депонии и ѓубришта се Полошкиот, Скопскиот и Кумановскиот регион, а како што е наведено, „најубавите и најразвиените“ депонии кои „најдобро“ го упропастуваат пејзажот ги одбележале со табли и ги прогласија за национално културно богатство.
„Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 километри и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30 километри, а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар“, велат од ЦСУ.
Во рамки на акцијата за справување со ѓубрето, „со пригодни табли“ биле маркирани 30 ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија, велат од Центарот.