За власта неприфатливи барањата на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО

Минисерката за правда Рената Дескоска

Министерката за правда Рената Дескоска по петчасовната работна средба на која се разгледуваа амандманите на опозициската ВМРО - ДПМНЕ за Законот за Јавното обвинителство изјави дека клучните разлики се однесуваат на СЈО.

„Барањето коешто го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство е прашање коешто реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратешките определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство“, истакна Дескоска.

Друга клучна разлика, според неа, е за судбината на истрагите коишто се во тек од страна на СЈО, предистражни постапки и обвиненија коишто се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите. Дескоска порача дека се договориле да ги разгледаат уште еднаш аргументите коишто им биле дадени од нивна страна, да ги преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, да седнат уште еднаш и да разговараат.

Според неа, договорот е до четврток да им бидат доставени во амандманска форма, оние предлози на коишто ВМРО-ДПМНЕ инсистираат да бидат вклучени во Законот за Јавното обвинителство, а потоа во петок да седнат и да ги кажат ставовите околу тие предлози.