Франција и Холандија сѐ уште резервирани за почеток на преговорите во јуни

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на работен појадок со колегите од ЕУ во Брисел

И покрај големата поддршка на бројни земји членки на ЕУ за почеток на преговори со нашата земја, во Франција, Холандија и други западноевропски земји сѐ уште постои отпор кон овој процес, изјавил за МИА унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто по појадокот со Никола Димитров и Бујар Османи.

Запрашан дали сѐ уште Париз и Хаг покажуваат отпор за почеток на преговори, Сијарто изјавил дека постои„ голем отпор од западноевропските пријатели, оти тие не се толку чувствителни бидејќи се оддалечени од регионот“.

На појадокот организиран од романското претседателство и грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, заедно со министрите за надворешни работи на ЕУ, нивниот македонски колега Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, било искажано „огромно задоволство“ за решавањето на спорот за името и поддршка од повеќе земји членки за почеток на преговори, јавува МИА.

Најсилната поддршка дошла од источноевропските земји, како и од Италија и Ирска. Холандскиот министер, Стеф Блок, во изјава за МИА истакнал дека неговата земја е фокусирана на тоа Македонија да приложи реформски резултати.